Contract
Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје
ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТНИ
Ознака: УС-жив- 04.24 Број: 1101-21/06/02
Датум на примена: 09.04.2024
ВОВЕДНИ ОДРЕДБИ
[1] Овие Општи услови за осигурување животни– (во понатамошниот текст: Услови) се
составен дел на понудата и договорот за осигурување што договорувачот на осигурувањето ќе го склучи со ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје (во понатамошниот текст: осигурувач).
[2] Изрази во овие услови го имаат следното значење:
Договорувач–лице со кое осигурувачот склучува договор за осигурување;
Осигуреник – лице на кое му припаѓаат правата од осигурувањето;
Осигурувач - ХАЛК ОСИГУРУВАЊА АД, Скопје;
Полиса – документ кој го потпишуваат договорните страни при договарање на осигурувањето и кој воедно претставува потврда дека договорот за осигурување е склучен; Сума на осигурување - највисок износ до кој осигурувачот е во обврска при настанување на осигурениот случај;
Премија – износ кој се плаќа за осигурување по договор за осигурување;
Надомест од осигурување – износ кој го плаќа осигурувачот врз основа на склучениот договор за осигурување по настанување на осигурен случај;
Франшиза- износ со кој осигуреникот учествува во штета;
Осигурен случај- иден, неизвесен штетен настан, независен од исклучивата волја на осигуреникот, кој има како последица настанување на штета;
[3] Овие услови се темелат врз Законот за облигационите односи, Законот за супервизија на осигурувањето и Законот за заштита и благосостојба на животните како и останатите подзаконски акти донесени врз основа на овие закони, и на соодветен начин се применуваат на договорот за осигурување кој што го склучуваат договарачот на осигурувањето и осигурувачот.
[4] Општите услови се составен дел на понудата и договорот за осигурување што договарачот на осигурувањето, односно осигуреникот ќе го склучи со ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД, Скопје.
ОБЕМ НА ОСИГУРИТЕЛНО ПОКРИТИЕ
Член 1
[1] Осигурувачот ги надоместува штетите на осигурените животни во случај на:
1) пцовисување на животното поради болест или несреќен случај.
2) принудно колење на осигуреното животно кога, поради болест или несреќен случај, му се заканува непосредна опасност од пцовисување (принудно колење поради опасност за живот или од економски причини).
[2] При осигурување на пчели, осигурувачот ја покрива и штетата поради уништување на кошницата и медот во медиштето.
[3] Ако се договори и дополнително осигурување по Посебните услови за осигурување на животни и се плати соодветна дополнителна премија, осигурувањето на животни покрива и:
1) трошоци за лекување.
2) губење на теле и ждребе при отелување и ождребување.
3) пцовисување како последица на хемиски препарати кои се користат во земјоделството;
4) губење на приплодна способност; и
5) бегање на риби поради поплава или буици.
[4] Обемот на осигурителното покритие за дополнителни договорени опасности е утврден во Посебните услови за осигурување на животни.
ПОИМИ ЗА БОЛЕСТ И НЕСРЕЌЕН СЛУЧАЈ
Член 2
[1] За несреќен случај се смета секој ненадеен и од волјата на осигуреникот независен настан кој дејствува однадвор и ненадејно врз осигурените животни, и има за последица заболување, лекување, принудно колење или пцовисување. Како несреќен случај се смета:
1) Пожар, удар од гром, експлозија, поплава, луња, лизгање и одронување на терен, снежна лавина, паѓање на воздушни летала;
2) Прегазување или судир со возила од сите видови, освен кај штети кои се надоместуваат по основа на одговорност;
3) Удар од одреден предмет или во одреден предмет, меѓусебна борба меѓу животните, ранување со оружје, паѓање, лизнување и слични надворешни повреди;
4) Давење во вода или кал, повреди нанесени од диви животни или каснување од змија;
5) Механичко задушување поради надворешни повреди, дејство на електрична струја и последици од топлина или смрзнување.
[2] Болест е абнормална состојба на организмот која го отежнува функционирањето на телото. Како болест се сметаат и: проблеми при раѓање, мозочен удар, алиментарни интоксикации, надуеност, грчеви, хернија. Под заразни болести во смисла на овие Услови се подразбираат болести кои имаат инфективен карактер и се преносливи.
ПРЕДМЕТ НА OСИГУРУВАЊЕ
Член 3
[1] Предмет на осигурување согласно овие Услови можат да бидат здрави животни, и тоа:
1) Копитари (коњи, маски, магариња и муле) со старост од 10 дена до 18 години, кај високовредни расплодни пастуви и до 21 година;
2) Говеда и биволи, според категории од:
– телиња за гоење од 10 дена до крајот на гоењето;
– јуници од 3 месеци до наполнети 17 месеци;
– стелни јуници и расплодни крави од 18 месеци до наполнети 12 години и
– расплодни бикови до наполнети 15 години;
3) Свињи од 21 ден или најмала тежина од 5 килограми до:
– крајот на гоењето;
– нерези, назимки и маторици до 7 години;
4) Овци и кози со старост од 3 месеци до наполнети 6 години.
Други видови на домашни и други животни, како и животни под и над старосните граници определени со став (1) од овој член, можат да се осигураат само согласно Посебни услови на осигурување. Одредбите од овие Општи услови се применуваат и за Посебни услови за осигурување само ако тоа е предвидено согласно тие Посебни услови за осигурување.
[2] Осигуреникот е должен да ги осигура сите животни од ист вид кои се водат на истото одгледувалиште. Само со посебна согласност на осигурувачот, осигуреникот може да осигура само дел од животните од ист вид, односно поединечни категории животни, кои можат да се разликуваат.
[3] При склучување на Договорот за осигурување треба да се пријават и сите животни кои не се предмет на осигурување согласно овие Услови за осигурување и истите треба да се наведат во осигурителната документација. Ако за времетраење на осигурителното покритие таквите животни станат способни за осигурување (младите животни достигнуваат влезна возраст, болните животни оздравиле и сл.), осигуреникот треба да ги осигура најдоцна во рок од 14 дена од денот кога тие ги исполниле условите за осигурување.
[4] Осигурувачот може да побара на трошок на осигуреникот, доколку животните не се обележани или не се распознаваат, истите да се обележат така што ќе можат несомнено да се распознаваат.
[5] Не може да се примат во осигурување:
1) Животни кои се болни или постои сомневање за некоја болест;
2) Истоштени, закржлавени и слепи животни, животни во лоша кондиција;
3) Животни кои се чуваат во несоодветни зоохигиенски услови;
4) Животни кои не се економски исплатливи да се одгледуваат (животни за шкарт).
ОПАСНОСТИ КОИ НЕ СЕ ОПФАТЕНИ СО ОСИГУРУВАЊЕ
Член 4
[1] Со осигурителното покритие не се опфатени опасностите (ризиците) кои не се наведени во член 1 од овие Услови, како и штетите кои ќе настанат:
1) За време додека обврската на осигурувачот не започнала, согласно одредбите на овие Општи услови;
2) Поради болест на осигуреното животно, ако се утврди дека болеста постоела пред склучување на Договорот за осигурување, без оглед дали знаците на заболувањето биле забележани или не, и ако штетата настанала во рок од три месеци по склучување на осигурувањето или ако во тој рок недвосмислено е утврдено постоење на болеста;
3) Заболување, принудно колење, принудно отепување или пцовисување на животното настанато поради негово долготрајно, неразумно и претерано искористување;
4) Поради приплодна неспособност (јаловост) на животното, делумно губење на видот, убавината, млечноста, а кај гоените животни и поради мал прираст, и тоа без оглед на тоа од кои причини дошло до такви промени;
5) Испаѓање на матка или на вагина, ако тоа не е предизвикано од тешкото породување;
6) Поради недоволна или неправилна исхрана или исхрана со штетна храна по вина на осигуреникот;
7) Небрежност во одгледувањето на животните од страна на осигуреникот;
8) Поради кастрација или овариотомија извршена од нестручно или неовластено лице;
9) Поради земјотрес, нуклеарна експлозија и радиоактивна контаминација;
10) Поради кражба, загуба или мана на животното;
11) Поради воена и/или вонредна состојба, терор, насилство, јавни демонстрации и манифестации, за време на воени вежби или маневри, како и за време на најмување на животните на трети лица;
Кога осигуреното животно престојува надвор од местото наведено во полисата, а осигуреникот за таа промена не го известил осигурувачот;
12) Поради транспорт на животните, товарање, растоварање или претоварање;
13) Поради неизвршена вакцинација против болест која му се заканува на животното, ако штетата е настаната поради таа болест;
14) Поради пцовисување кое настанало како последица на непреземање и непридржување на ветеринарно- санитарните мерки за спречување на заразните и други болести предвидени со закон или со прописи донесени врз основа на закон, и во случај кога надлежниот орган не донел наредба за принудно колење или принудно отепување на животното;
15) Поради туберкулоза, бруцелоза, инфективна анемија кај копитари, лигавка и шап, свинска чума и леукоза (па и ако овие болести се утврдени само по клинички пат);
16) Поради принудно колење или отепување на животното извршено по наредба на надлежен орган;
17) Поради ветеринарни трошоци и други обврски одредени со Законот за заштита и благосостојба на животните.
[2] Осигурувачот не ги покрива трошоците за:
1) убивање, односно безболно убивање на животни;
2) отстранување на мртво илиубиеноживотно.
[3] Осигуреникот ги губи своите права:
1) поради ненавремено лекување на засегнатото животно, ако за тоа е виновен осигуреникот;
2) ако заколе или убие животно самоиницијативно, без фактичка потреба во однос на одредбите од овие Услови;
3) ако заколе или убие животно од економски причини без одобрување на осигурувачот;
4) ако не ги спроведува безбедносните мерки утврдени во Условите на осигурување.
[4] Осигурувачот не презема никаква обврска или право кое за осигуреникот произлегува од Законот за ветеринарно здравство.
СУМА НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 5
[1] Животните се осигуруваат на вредност за која ќе се договорат осигурувачот со договарачот на осигурување, но таа вредност во секој случај не може да биде поголема од нивната реална пазарна вредност.
[2] Животните за гоење се осигуруваат на вредност што ќе ја постигнат на крајот на траењето на гоењето.
[3] По правило, сумата на осигурување се утврдува за секое животно поединечно. Кај ситните животни и животните кои се држат во стадо, а вредноста им е приближно изедначена, сумата на осигурување може да се одреди на просечна вредност – просечна сума на осигурување.
[4] Осигурувачот може за поединечни видови и категории на животни да ја определи највисоката и најниската вредност на која може да се склучи Договорот за осигурување.
[5] Сумата на осигурување е највисок износ на осигурена сума до која осигурувачот дава покритие и не може да служи како доказ за реалната (пазарна) вредност на животното.
МЕСТО НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 6
[1] Осигурителното покритие се применува само додека осигурените животни се наоѓаат во местото означено во полисата.
[2] Ако осигуреното животно заради исхрана, сместување или работа се пренесува од едно во друго место, тие места мораат да бидат наведени во полисата.
[3] Ако не е договорено поинаку, осигурителното покритие не важи кога животните се на изложба, на добиточни пазари, спортски и други манифестации и на тренинзи за такви манифестации.
[4] Осигуреникот е должен писмено да го извести осигурувачот ако осигуреното животно постојано или за повеќе од 14 дена го премести од местото наведено во полисата на некое друго место, или ако меѓу осигурените животни донесе друго животно од ист вид, најдоцна во рок од 3 дена од денот на преместување или доведување на ново животно.
[5] Осигурителното покритие важи само за територијата на Република Северна Македонија.
СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОР ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 7
[1] Договорот за осигурување може да се склучи врз основа на понуда од договарачот на осигурувањето, која во писмена форма му ја поднесува на осигурувачот.
[2] Со потпишување на понудата, понудувачот изјавува дека пред склучување на договорот бил запознат со условите на склучување и изведување на осигурањето и дека договорните одредби се усогласени со договореното меѓу договорните страни.
[3] Потпишаната понуда за склучување на Договорот за осигурување која му била поднесена на осигурувачот го обврзува понудувачот во рок од (8) дена од денот кога пристигнала кај осигурувачот. Ако осигурувачот во тој рок не го одбие барањето, кое не отстапува од условите што ги предложил за осигурување, ќе се смета дека го прифатил барањето и дека договорот е склучен.
[4] Договорот за осигурување се склучува за период од една година.
[5] Во случај на договор склучен на далечина, осигурувачот може да одреди дека Договорот
за осигурување е склучен со самата уплата на премијата.
ПОЛИСА/ДОГОВОР ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 8
[1] Во полисата мораат да бидат наведени: договорните страни, опис на осигуреното животно и број на идентификација, ризикот опфатен со осигурувањето, траењето на осигурувањето и периодот на покритие, сумата на осигурување, премијата за осигурување, датумот и местото на издавање и потписи на договорните страни.
ПОЧЕТОК И ПРЕСТАНОК НА ОСИГУРИТЕЛНОТО ПОКРИТИЕ
Член 9
[1] Ако не е договорено поинаку, осигурителното покритие за пцовисување, принудно колење или колење на животни поради незгода започнува да важи од дваесет и четвртиот час на денот што е означен во полисата како ден на почетокот на траењето на осигурувањето.
[2] Ако не е договорено поинаку, осигурителното покритие за пцовисување, принудно колење или колење на животни поради болест започнува од дваесет и четвртиот час на 14- тиот ден од денот што е означен во полисата како ден на почетокот на траењето на осигурувањето.
[3] Полисата за осигурување започнува да важи за опасностите од:
1) Крв во урината(hemаturiаvesicаlisbovis)– дваесетичетвртиот час на 180-тиот ден од денот што е означен во полисата како ден на почетокот на траењето на осигурувањето, ако дотогаш е платена првата рата од премијата, во спротивно осигурителното покритие започнува во дваесет и четвртиот час на 180-тиот ден од денот кога е платена првата рата на премијата за осигурување;
2) незаразна болест од која осигуреното животно ќе се разболи во каренцата и до крајот на каренцата нема да оздрави – дваесет и четвртиот час на денот кога животното оздравело, за што договарачот на осигурувањето треба на осигурувачот да му достави потврда од матичен ветеринар дека животното е здраво;
3) доколку осигуреното животно се разболи во каренцата од заразна болест – дваесет и четвртиот час на истиот ден кога е утврдено дека заразната болест е сузбиена, со тоа што тоа важи и за сите други животни од ист вид на исто осигурително место. Сузбивањето на заразната болест договарачот треба да го докаже со потврдата од матичниот ветеринар.
[4] Осигурителното покритие завршува во дваесет и четвртиот час на оној ден чиј датум е запишан на полисата како датум на истекување на осигурувањето.
[5] Договорот за осигурување може да биде со траење од една година или повеќегодишен, кога се продолжува од година во година.
КАРЕНЦА
Член 10
[1] Во случај на штети од пцовисување, принудно колење или принудно отепување кои ќе настанат како последица на некоја болест, доколку не е поинаку договорено, се применува каренца од четиринаесет дена од денот на склучување на договорот за осигурување (Член 8 став 1).
[2] Ако осигуреното животно се разболи за времетраење на каренцата, а осигурениот случај какo последица на тоа заболување настане за времетраење на каренцата или по истек на каренцата, осигуреникот нема право на надомест на штета по основа на осигурувањето.
[3] Ако осигурувањето е условено со вакцинација, а вакцинацијата не е извршена пред почетокот на осигурителното покритие, каренцата за болеста против која треба да се вакцинира започнува од денот на извршеното вакцинирање.
[4] Во случај на зголемување на сумата на осигурување при обнова или за времетраење на осигурителното покритие, за зголемената сума на осигурување се применува каренца од 14 дена и надоместок на штета ќе се пресметува врз основа на старата сума на осигурување, ако заболувањето или осигурениот случај како последица на болест настане во рок од 14 дена од денот на извршеното зголемување.
[5] Договарачот на осигурувањето може со посебна доплата да ја исклучи каренцата. Во вакви случаи обврската на осигурувачот за надомест на штети започнува од дваесет и четвртиот час на денот што е означен во полисата како ден на почетокот на траењето на осигурувањето.
[6] При обнова на полисата, каренцата важи само за оние животни кои ќе бидат додадени во полисата, ако не е поинаку договорено.
ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 11
[1] Се смета дека осигурен случај настапил оној момент кога настанала една од осигурените опасности опфатени со ова осигурување.
[2] По исклучок, со претходна согласност на осигурувачот, се смета дека осигурен случај настанал во моментот кога осигуреното животно поради осигурен ризик било предадено на принудно колење.
[3] Кај осигурувањето за лекување на животните, осигурен случај настанал оној момент кога животното заболело, односно во времето на извршување на договорените здравствени услуги.
[4] По настанувањето на осигурен случај кај кој осигурените животни поради болест или повреда се лекувани, осигурителното покритие се продолжува (ако не е поинаку договорено), а за животните кои поради настанување на осигурен случај пцовисале или биле принудно заклани, осигурителното покритие престанува.
[5] Договорот за осигурување е ништовен ако во моментот на неговото склучување веќе настанал осигурен случај или тој бил во настанување, или било извесно дека ќе настане, или
ако веќе тогаш постоела можност тој да настане.
ОБВРСКИ НА ОСИГУРЕНИКОТ ПО НАСТАНУВАЊЕ ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 12
[1] Ако осигуреното животно се разболи или се повреди во незгода, осигуреникот треба веднаш да го повика ветеринарот, да ги спроведува неговите упатства и да ги преземе сите потребни мерки за да се спречи, односно да се намали штетата.
Во случај на заболување или несреќен случај на поголем број животни, осигуреникот е должен веднаш да го извести осигурувачот.
[2] Во случај кога поради болест или несреќен случај постои непосредна опасност од пцовисување, осигуреникот е должен, поради намалување на штетата, да изврши принудно колење на осигуреното животно кога тоа ќе го препорача ветеринар или осигурувачот ќе даде дозвола.
Во итни случаи на непосредна опасност од пцовисување, осигуреникот е должен и сам да изврши принудно колење на осигуреното животно заради намалување на штетата.
[3] Осигуреникот треба да води евиденција за лекување на осигурените животни. При пријавувањето на осигурен случај поради болест, треба да поднесе и потврди за лекување (амбулантски дневници, сметки и сл.), инаку согласно овие Услови се смета дека животното не било навремено лекувано.
[4] Принудно колење од економски причини може да се изврши дури по писмено одобрение од осигурувачот. Во такви случаи осигуреникот ќе набави писмено мислење од ветеринар и ќе го достави до осигурувачот на решавање.
[5] Во случај на настанување на осигурен случај, осигуреникот е должен на сопствен трошок да ја достави сета потребна документација за решавање на барањето (пријава на штета, извештај на ветеринарот, потврда за извршено колење, потврда за продажба на животно, потврда за осеменување, датум на породување, потврда за движење на животното, амбуланторен дневник итн.).
[6] Во случај на непозната причина за пцовисување или убивање на осигуреното животно, осигуреникот е должен на сопствен трошок да достави наод од извршена обдукција.
[7] За осигурен случај настанат поради пожар, експлозија, судир на животното со возило, повреда со оружје или труење со хемикалии осигуреникот треба веднаш да го извести надлежниот орган за внатрешни работи (полиција) и да наведе кои животни се засегнати.
[8] Ако осигуреникот самиот го заколе или убие осигуреното животно, треба тоа да го изврши согласно ветеринарно- санитарните прописи.
[9] Осигуреникот треба на осигурувачот да му пријави настанување на осигурен случај најдоцна во рок од 3 дена од денот на настанување на осигурениот случај.
[10] Ако осигуреникот не го извести осигурувачот за настанатиот осигурен случај во определеното време, должен е да му ја надомести евентуалната штета на осигурувачот што тој би ја имал поради дополнителното утврдување на штетата.
[11] Осигуреникот има обврска да ги преземе потребните мерки за заштита на животните од заразни болести, од паразити, како и од дивеч.
[12] Осигуреникот има обврска со осигурените животни да постапува правилно, уредно да ги чува, правилно да ги храни, разумно да ги искористува и да ги преземе сите мерки за избегнување на штетите кај животните.
[13] Осигуреникот има обврска да врши редовно шкартирање на закржлавени, стари и за понатамошно чување неповолни животни.
Шкартираните животни можат да останат во осигурување најмногу до 30 дена од денот на извршеното шкартирање.
ПРИЈАВУВАЊЕ НА ОКОЛНОСТИ ЗА РИЗИКОТ
Член 13
[1] Договарачот, односно осигуреникот должен е при склучување на Договорот за осигурување да му ги пријави на осигурувачот сите околности кои се неопходни за процена на ризикот и кои му се познати или не можеле да му останат непознати. Особено важни се сметаат оние околности без кои не е можно да се склучи осигурувањето, односно се такви што осигурувачот би го склучил осигурувањето под посебни или изменети услови, односно не би го склучил осигурувањето.
[2] Договарачот на осигурувањето е должен да го извести осигурувачот за секоја промена на околностите кои би можеле да бидат значајни за оцената на ризиците (преместување во полоши и/или потешки услови за работа или одгледување, преместување од местото наведено во Договорот за осигурување, сместување на други животни меѓу осигурените животни итн.). Во овој случај договарачот на осигурувањето е должен без одлагање да го извести осигурувачот, ако ризикот е зголемен со некоја негова постапка, а ако зголемувањето на ризикот се случило без негово учество, тој е должен да го извести осигурувачот во рок од 14 дена откога дознал за тоа.
ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ НА ОСИГУРУВАЧОТ
Член 14
[1] Осигурувачот нема обврски:
-за претходни состојби, освен ако при склучување на осигурувањето му биле пријавени на осигурувачот и ако истите ги прифатил.
Претходна состојба е болест, состојба односно повреда (вклучувајќи здравствени тешкотии, знаци на болест или симптоми) која настанала пред склучување на осигурувањето, односно постоела при склучување на осигурувањето, без разлика дали била дијагностицирана, односно лекувана и дали му била позната на осигуреникот или не можела да остане непозната;
-за болест, состојба односно повреда која во Договорот за осигурување е наведена меѓу исклучените обврски на осигурувачот.
ПРОЦЕНА НА ШТЕТА
Член 15
[1] Настанатата штета треба да се утврди веднаш на местото на настанување на осигурениот случај, на трупот или остатоците на пцовисаното, заклано или убиено животно.
[2] Настанатата штета ја утврдуваат претставник на осигурувачот, осигуреникот и надлежниот ветеринар. Ако претставникот на осигурувачот или надлежниот ветеринар не можат да учествуваат во утврдувањето на штета, штетата ја утврдува самиот осигуреник со сведоци, фотографии и со записник.
[3] При утврдување на штета треба да се утврдат околностите во кои настанала штетата, осигурената вредност на осигуреното животно, вредноста на остатоците и трошоците во врска со настанатиот осигурен случај.
[4] При пцовисување на осигуреното животно, штетата се пресметува според сумата на осигурување на животното или според реалната пазарна цена, доколку истата е пониска од сумата на осигурување пред самата незгода или заболувањето што претставува непосредна причина за настанување на штета, намалена за вредноста на употребливите делови на пцовисаното животно и договорената франшиза.
[5] При принудно заклано животно, штетата се пресметува до 60% од сумата на осигурување на осигуреното животно, во зависност од искористување на употребливите остатоци, водејќи притоа сметка за ветеринарно-санитарните прописи.
ПОСТАПКА НА УТВРДУВАЊЕ НА ШТЕТА СО ВЕШТАЧЕЊЕ(КОМИСИЈА)
Член 16
[1] Во случај осигуреникот и осигурувачот да не се спогодат при утврдување и процена на штетата, секоја од договорените странки може да предложи штетата да се утврдува со вештачење.
[2] Предмет на вештачење можат да бидат утврдување на големината на штетата, причините за штетата и други работи ако се договорат, освен утврдување на право на надомест на штета.
[3] Барањето за вештачење се поднесува во писмена форма, со наведување на работите што ќе бидат предмет на вештачењето.
[4] Двете страни заеднички определуваат вешто лице кое мора да биде од овластена институција за вештачење, при што трошоците за вештачењето ги сносат двете страни еднакво.
ПРЕСМЕТКА ЗА НАДОМЕСТ НА ШТЕТА
Член 17
[1] Осигурувачот има обврска да исплати надомест по основа на осигурувањето за штети причинети од осигурени ризици согласно одредбите на овие Општи услови и на Посебните услови согласно кои осигурувањето е склучено, и тоа во законскиот рок кој не може да биде подолг од 14 дена од денот на комплетирање на целосната документација.
[2] Во случај на присилно колење поради опасност од пцовисување или од економски причини,
осигурувачот ја исплаќа штетата максимум до 60% од сумата на осигурување на осигуреното животно. Ако осигуреникот не изврши принудно колење или тоа го сторил со задоцнување или со некоја друга постапка ја намалил вредноста на искористувањето, осигурувачот ќе ја намали висината на штетата за толку за колку што осигуреникот со своето однесување придонел за намалување на вредноста на искористувањето од настраданото животно.
[3] Износот на надоместокот по основа на осигурување не може да биде поголем од штетата што осигуреникот ја претрпел со настанување на осигурениот случај.
[4] Осигуреникот нема право по настанување на осигурен случај да му го препушти на осигурувачот животното врз кое настанало осигурениот случај или добиените производи и од него да бара исплата на целосната сума на осигурување.
[5] Ако е договорено осигуреникот да сноси дел од штетата (франшиза), при настанување на осигурен случај надоместокот од осигурувањето ќе се утврди на тој начин што на осигуреникот му се намалува дел од штетата во висина на договорената франшиза.
[6] За реална вредност на животното се смета вредноста што ја имало животното пред заболувањето што било причина за настанување на штетата.
[7] Ако се плати дополнителна премија и се вклучи ризикот губење на теле или ждребе при отелување или ождребување, и доколку настане осигурен случај, осигурувачот штетата ја исплатува за кравата или кобилата согласно сумата на осигурување, а за телето или ждребето до 20% од сумата на осигурување на кравата или кобилата.
ПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈА
Член 18
[1] Со Договорот за осигурување, односно полисата за осигурување, договорени се висината и начинот на плаќање на премијата.
[2] Првата рата или еднократна премија, договорувачот на осигурувањето мора да ја плати при склучување на договорот за осигурување, а остатокот од премијата за кој е договорена динамика за плаќање на рати треба да се плати најдоцна пред истекот на осигурувањето. При настанување на осигурен случај за наплата доспева целата ненаплатена премија од тековната година на осигурување.
[3] Ако е договорено плаќање на премијата на рати, а ратата не е платена до денот на доспевање, може да се пресмета законска камата.
[4] Ако и без разлика на договореното време на осигурување во договорот била определена пониска премија, а осигурувањето од било кои причини престанало пред истекот на тој период, осигурувачот има право да ја наплати разликата до онаа премија која договорувачот на осигурувањето би морал да ја плати доколку договорот за осигурување би бил склучен само за толкав период колку што навистина траело осигурувањето.
[5] Во случај на престанок на важноста на договорот за осигурување поради неплаќање на доспеаната премија, договорувачот мора да ја плати премијата за неплатениот период до денот на престанок на важноста на договорот за осигурување или целокупната премија за тековната година на осигурување, ако до денот на престанок на осигурувањето настанал осигурен случај за кој осигурувачот има обврска да исплати надомест од осигурување.
ПОСЛЕДИЦИ ОД НЕПЛАЌАЊЕ НА ПРЕМИЈАТА
Член 19
[1] Ако е договорено премијата да се плаќа при склучувањето на договорот, обврската на осигурувачот да го исплати надоместот или сумата определена со договорот почнува третиот ден од денот на уплатата на премијата.
[2] Ако е договорено премијата да се плаќа по склучувањето на договорот, обврската на осигурувачот да го исплати надоместот или сумата определена со договорот почнува од денот определен во договорот како ден на почеток на осигурувањето, односно од третиот ден.
[3] Ако договарачот на осигурувањето премијата што стасала по склучувањето на договорот не ја плати до стасаноста, ниту тоа го стори некое друго заинтересирано лице, договорот за осигурување престанува, по истекот на рокот од 30 дена од кога на договарачот на осигурувањето му е врачено препорачано писмо од осигурувачот со известување за стасаноста на премијата, но со тоа што тој рок да не може да истече пред да поминат 30 дена од стасаноста на премијата.
[4] Во секој случај договорот за осигурување престанува ако премијата не биде платена во рок од една година од стасаноста.
ПОВРАТ НА ПРЕМИЈА
Член 20
[1] На осигурувачот му припаѓа премија за тековната осигурителна година во целост ако:
1) настанал осигурен случај поради која и да е основна или дополнителна договорена опасност;
2) осигурувањето престанува затоа што осигурувачот врз основа на одредено дејство или пропуст на осигуреникот го раскинал договорот за осигурување.
[2] Осигурувачот го враќа делот од премијата за неискористеното време на осигурување ако осигуреното животно пцовисало, било заклано или убиено поради неосигурена опасност или пак било продадено, и тоа од денот кога осигуреникот тоа писмено го побарал од осигурувачот. Осигурувачот го враќа наведениот дел од премијата за осигурување само во случај кога врз основа на склучениот Договор за осигурување (полиса) не настанал осигурен случај поради која и да е основна или дополнителна договорена опасност.
[3] Ако осигуреното животно пцовисало, било заклано или убиено пред почетокот на осигурителното покритие, осигурувачот ја враќа целата платена премија за осигурување.
[4] Во други случаи на престанок на важноста на Договорот за осигурување пред крајот на периодот за кој е платена премијата, на осигурувачот му припаѓа премија до денот до кој трае покритието, ако не е договорено поинаку.
ОБНОВА НА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 21
[1] Повеќегодишните осигурувања договорните страни ги преуредуваат секоја година при доспеаноста на годишната премија за плаќање, за да се приспособи осигурителната сума на променетата осигурителна вредност на осигурените животни. Притоа осигурувачот
повторно ги проценува осигурените опасности и во зависност од нивната промена одлучува за висината на премија за осигурување во следната година за осигурување. Исто така, осигурувачот од осигурување ги исклучува животните кои до преуредувањето ја надминале највисоката можна возраст за осигурување, освен ако со договарачот на осигурувањето тоа не го договори поинаку.
[2] Преуредувањето на осигурувањето може да се спроведе во секое време во текот на една осигурителна година ако се изменат околностите, ако во осигурувањето се вклучат животните кои ја достигнале со овие Услови пропишаната возраст, ако дојде до продажба на осигуреното животно или до купување на ново животно од ист вид и со иста намена на одгледување итн.
[3] Осигурувањето со утврден рок на траење може да се обнови при истекувањето. Притоа договорните страни по правило постапуваат еднакво како при преуредување на осигурување согласно став 1 од овој член.
[4] Ако по истекот на осигурувањето склучено за период од една година во рок од 30 дена од денот на истекот се склучи ново осигурување за истиот предмет на осигурување и за исти опасности за период од најмалку една година, за таквото осигурување се применуваат одредбите за каренца како кај преуредување на повеќегодишните осигурувања и на осигурувања со неодредено истекување на осигурувањето.
[5] При обновување на договорот за осигурување осигурувачот може да ги исклучи заболените животни од осигурувањето доколку постои опасност тие животни да пцовисаат. Исто така, осигурувачот може да одбие обновување на осигурувањето ако утврди дека животните се во лоша кондиција или дека живеат во лоши зоохигиенски услови.
[6] Одредбите за каренца се применуваат и при преуредувања и обновувања на осигурување, и тоа:
-кај зголемени суми осигурување за разликата меѓу претходната и новата сума на осигурување;
-при вклучување на ново животно во осигурувањето;
-за болестите кои постоеле уште пред зголемувањето на сумата на осигурување, без оглед на тоа дали знаците на болести биле забележливи или не, покритието во висина од зголемена сума на осигурување започнува да важи во 24 часот од 90-тиот ден од денот на преуредувањето на осигурувањето.
ОТУЃУВАЊЕ НА ОСИГУРЕНО ЖИВОТНО
Член 22
[1] Ако осигуреникот го отуѓи осигуреното животно, осигурувањето престанува во мигот кога новиот сопственик го презел животното.
[2] Наместо на отуѓените осигурени животни, во осигурување може да се воведе друго животно на осигуреникот од ист вид, ако ги исполнува условите за осигурување, а осигуреникот отуѓувањето- набавката на новото животно ја пријавил на осигурувачот.
[3] Ваква замена дозволена е само еднаш во текот на траењето на осигурувањето, и тоасамо за копитари, приплодни говеда и приплодни свињи.
[4] Нововнесеното животно се додава во полисата за осигурување и за тоа животно се применуваат одредбите за каренца.
ОСИГУРУВАЊЕ ПО ОСИГУРЕН СЛУЧАЈ
Член 23
[1] За животните кои во осигурен случај пцовисале, биле заклани или убиени, односно предадени за колење од економски причини, осигурувањето престанува по настанување на осигурениот случај.
ПРАВО НА ОСИГУРУВАЧОТ ДА ВРШИ КОНТРОЛА
Член 24
[1] Осигурувачот има право да врши контрола на склучените осигурувања, настанатите штети, ревизија на ризикот, како и контрола на извршувањето на договорените и пропишаните мерки и контрола на мерките на превентива во тек на целиот период на траење на осигурувањето, а осигуреникот е должен тоа да му го овозможи.
[2] Осигурувачот има право да ги исклучи од осигурување животните за кои при контролата ќе се утврди дека не можеле да бидат предмет на осигурување согласно член 3 став (1) од овие Услови.
[3] Осигурувачот има право да го раскине Договорот за осигурување, без отказен рок, во целост или делумно, ако при контролата се констатира дека осигуреникот по своја вина ги прекршил одредбите од овие Услови.
[4] Ако осигурувачот за повредите на одредбите од овие Услови сознал по настанување на осигурениот случај, има право да го намали износот на штетата за онолку за колку што настанатата штета е последица на повреда на договорените или пропишаните обврски.
НАЧИН НА ИЗВЕСТУВАЊЕ
Член 25
[1] Сите поинакви договарања за содржината на договорот за осигурување се во важност само ако се склучени во писмена форма.
[2] Сите известувања и изјави што треба да се дадат според одредбите на договорот за осигурување мораат да се напишани.
[3] Известувањето или изјавата се дадени правовремено ако пред истекувањето на рокот се испратат со препорачано писмо.
[4] Изјавата која треба да се даде на лицето важи од моментот кога истото ќе ја прими.
ПРОМЕНА НА ИМЕ И АДРЕСА
Член 26
[1] Осигуреникот е должен да го извести осигурувачот за: промена на адресата на живеење, односно седиштето, промена на своето име или презиме, односно називот на фирмата, промена на трансакциска сметка, промена на телефонски број за контакт, во рок од 15 дена од денот на настанување на промената.
[2] Доколку осигуреникот ја променил адресата на живеење, односно седиштето или своето име, односно името на фирмата, а за тоа не го известил осигурувачот, доволно е осигурувачот известувањето кое мора да му го соопшти на осигуреникот да го испрати на адресата на неговото последно постојано живеалиште или седиште или да го адресира на последното познато име, односно фирма.
[3] Во случај кога обидот да се достави препорачаната пратка до осигуреникот не успее (поради преселување или одбивање да се прими) осигурувачот вратената пратка ќе ја смета како доставена и ќе ја депонира во своето седиште. Осигуреникот се согласува дека вратените недоставени пратки се сметаат како примени на денот од првиот обид за доставување и дека е запознат со содржината на пратката.
[4] Осигурувачот исто така има овбрска да го извести осигуреникот за: промена на седиштето на друштвото, промена на називот на друштвото промена на контактите на друштвото телефон, емаил адреса и сл.
ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
Информации во врска со обработка на лични податоци
Член 27
1.Идентитет и контакт на податоците на контролорот и офицерот за заштита на личните податоци: Контролор: Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, седиште во Скопје на ул. Мајка Тереза бр.1 влез 2, e-mаil: info@hаlkinsurаnce.com.mk, Офицер за заштита на личните податоци: dpo@hаlkinsurаnce.com.mk. Дополнителни податоци за офицерот за заштита на личните податоци може да најдете на интернет страницата на Друштвото www.hаlkinsurаnce.com.mk.
Обработка и заштита на личните податоци Член 28
1.Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје врши обработка на лични податоци на осигуреници, договорувачи на осигурување, нивните законски застапници или полномошници во согласност со одредбите на Законот за заштита на лични податоци и другите релеванти позитивни законски прописи, применувајќи соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на безбедност на обработката на личните податоци. Собраните лични податоци се дел од збирките на лични податоци на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, а Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје во својство на контролор на личните податоци, истите ги користи согласно основните начела за обработка на лични податоци дефинирани во Законот за заштита на личните податоци.
Правен основ за обработката на личните податоци Член 28-а
1.Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје обработува лични податоци кои се неопходни при склучување на договорите за осигурување (полиси), врз основа на член 109 од Законот за супервизија на осигурување, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци.
2.Личните податоци се неопходни за обработка од страна Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје со цел исполнување на правата и обврските што произлегуваат од договорот за осигурување, односно обработката на истите претставува основа за оценување на осигурително покритие и степен на оштета.
Цели за обработката на личните податоци Член 28-б
1.Личните податоци (телефонски број и електронска адреса – e-mаil), Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги обработува со цел остварување на контакт заради ефикасно остварување на права и обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување (полиси). Овие податоци за цели доставување на рекламни материјали, промоции, понуди како и за други цели на директен маркетинг од страна на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ќе бидат искористени само доколку имате дадено согласност, преку одбирање на соодветната опција за согласност.
2.Со цел водење на постапка за надомест на штета и воспоставување на бази на податоци за настанати штети, оценување на осигурително покритие и степен на оштета Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје обработува и копии од документи во кои се содржани и лични податоци.
3.Личните податоци од став 1 и став 2 на овој член Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги обработува само врз основа на претходна согласност од субјектот на личните податоци, а недавањето на согласност за обработка на овие податоци може да има за последица несоодветно оценување на осигурително покритие или степен на оштета или пак неисплаќање на оштетно барање.
4.Согласноста за обработка на личните податоци од ставот 3 на овој член може да се повлече во секое време преку доставување на известување за повлекување на согласност по пошта на следната адреса: ул. Мајка Тереза бр.2, 1000 Скопје, со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса dpo@hаlkinsurаnce.com.mk. Со повлекување на согласноста за обработка на лични податоци Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ќе прекине со понатамошна обработка на личните податоци и истите ќе ги избрише од базите на податоци со што можат да настанат последици наведени во став 3 од овој член.
Рокови на чување на лични податоци Член 28-в
1.Личните податоци, Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги чува во рок за цело времетраење на договорниот облигационен однос, односно најмногу до 10 години по истекот на договорот за осигурување или во случај на настанување на штета, 10 години по затворањето на случајот на настанување на штетата, односно од денот на целосната исплата на надоместокот за настаната штета согласно член 109 став 8 од Законот за супервизија на осигурување.
2.По истекот на роковите од став 1 на овој член личните податоци ќе бидат избришани/уништени од базите на податоци на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје и истите нема да се обработуваат за други цели.
Права на субјектите на личните податоци Член 28-г
1.Остварување на правата кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци (право на пристап, корекција, бришење, ограничување на обработката на лични податоци, приговор и преносливост), се врши преку доставување на барање на електронската адреса на офицерот за заштита на лични податоци: dpo@hаlkinsurаnce.com.mk. На истата електронска адреса може да се достави барање во врска со сите прашања поврзани со обработката на личните податоци.
2.Доколку субјектот на лични податоци смета дека обработката на личните податоци за целите наведени во член 28-б, од страна на Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, или пак смета дека е повредено некое право за заштита на личните податоци, има право да поднесе барање за утврдување на прекршување на прописите за заштита на личните податоци до Агенцијата за заштита на личните податоци како надлежен орган за вршење на надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија.
Пренос на личните податоци Член 28-д
1.Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје може да изврши пренос на лични податоци во земји членки на Европската Унија, земји членки на Европскиот економски простор и трети земји. За вршење на преносот на лични податоци во земји членки на Европската унија и Европскиот економски простори се известува Агенцијата за заштита на личните податоци, а преносот на лични податоци во трети земји се врши по претходно добиено одобрение од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци. При вршење на преносот на личните податоци се обезбедува високо ниво на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци. Исто така, се обезбедуваат сите неопходни заштитни мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци преку стандардни клаузули за заштита на личните податоци кои се одобрени и објавени од страна на Европската комисија. Сите дополнителни информации во однос на заштитните мерки може да се добијат со поднесување на барање до по пошта на следната адреса: ул. Мајка Тереза бр.1 влез 2 со назнака за Офицерот за заштита на лични податоци или преку електронска адреса dpo@hаlkisnurаnce.com.mk.
2.Друштвото за осигурување ХАЛК Осигурување АД Скопје, како дел од сопствената информатичко комуникациска инфраструктура, користи и облак услуги. Облак услугите се користат за правање на резервни копии на податоците кои се обработуваат. При пренос на податоците на облак услуги соодветно се применува ставот 1 од овој член.
Обработка на лични податоци за цели на директен маркетинг Член 28-ѓ
1.Личните податоци за цели на директен маркетинг, Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги обработува само врз основа на експлицитна согласност за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг за своите услуги.
2.Согласноста за обработка на личните податоци за цели на директен маркетинг може да се повлече во секое време, бесплатно, со писмено барање (доставено на следната електронска адреса: dpo@hаlkinsurаnce.com.mk, или по пошта до Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје, ул. Мајка Тереза бр.1 влез 2, 1000 Скопје, со назнака “До Офицерот за заштита на лични податоци”).
НАДЗОР НАД ДРУШТВОТО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ
Член 29
[1] Орган надлежен за надзор на осигурителното друштво е Агенцијата за супервизија на осигурување.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 20
Постапка по приговори
Во случај осигурувачот и осигуреникот да не се согласат по однос на обемот и висината на штетата, осигуреникот има право на приговор во рок од 30 дена од приемот на писмената понуда/образложен одговор од осигурувачот, до Второстепената комисија за решавање на штети по приговор, која е должна во рок од 30 дена да одговори по приговорот.
Решавање на спорови
Евентуалните спорови кои би произлегле од договорот за осигурување, договорните страни ќе ги решаваат спогодбено, а доколку до спогодба не дојде надлежен е Основниот граѓански суд Скопје.
Право на преставка
Ако осигуреникот кој е физичко лице смета дека осигурувачот не се придржува кон одредбите од договорот за осигурување, има право согласно одредбите од Законот за супервизија на осигурувањето да поднесе претставка до:
- Осигурувачот - Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје,
- Агенцијата за супервизија на осигурувањето,
- Организацијата за заштита на потрошувачите.
САНКЦИСКА КЛАУЗУЛА
Осигурувачот нема да изврши исплата на надомест на оштетно побарување или каков било друг вид надомест, по претходно склучен договор за осигурување врз основа на овие Услови, доколку плаќањето на надомест на оштетното побарување или друг вид надомест го изложи Осигурувачот на какви било рестриктивни мерки определени со позитивноправни акти на ООН, САД, Обединето Кралство, ЕУ или Република Северна Македонија.
Овие Услови се донесени врз основа на Овластување на Надзорниот одбор на Друштво за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје утврдено со Одлука бр.0203-04/13 од 03.03.2023 година и Одлука на Управниот одбор бр. 0202-21/06 од 09.04.2024 година и ќе се применуваат од 09.04.2024 година.