Contract
ДОГОВОР
МЕЃУ ФЕДЕРАТИВНА НАРОДНА РЕПУБЛИКА ЈУГОСЛАВИЈА И СОЈУЗОТ НА
СОВЕТСКИТЕ СОЦИЈАЛИСТИЧКИ РЕПУБЛИКИ ЗА ПРАВНА ПОМОШ ВО ГРАЃАНСКА, СЕМЕЈНА И КРИВИЧНА МАТЕРИЈА ОД 24 ФЕБРУАРИ 1962 ГОДИНА
ПРВ ДЕЛ ОПШТИ ОДРЕДБИ
1. Правна заштита 2.
Член 1
1. Државјаните на една договорна страна уживаат на територијата на другата договорна страна во однос на нивните лични и имотни права, иста правна заштита како и домашните државјани.
2. Државјаните на една договорна страна имаат слободен и непречен пристап до судовите, јавното обвинителство и другите органи на другата договорна страна кои се надлежни за постапување во граѓански, семејни и кривични постапки, и можат пред овие органи да истапуваат, да поднесуваат барања и тужби под истите услови како и домашните државјани.
3. Одредбите од ставот членот 1 и 2 соодветно се применуваат и на правни лица.
2. Правна помош
Член 2 Укажување на правна помош
Органите на договорните страни наведени во став 2 од член 1 на овој договор ќе укажат взаемна правна помош врз основа на замолница во граѓанска, семејна и кривична материја под условите определени во овој договор.
Член 3
Начин на комуникација
При укажување на правна помош, надлежните органи на договорните страни меѓусебно ќе комуницираат преку соодветните органи кои меѓусебно ќе ги соопштат по дипломатски пат.
Член 4
Јазик на комуникација
Органите на Федеративна Народна Република Југославија, во обраќањата за правна помош, ќе користат српско-хрватски јазик, а органите на Сојузот на Советските Социјалистички Републики руски.
Член 5
Опсег на правната помош
Правна помош во граѓански и семејни предмети опфаќа доставување на исправи и извршување на одредени процесни дејствија, како што е сослушување на сведоци и странки, вештачење и увид.
Член 6
Содржина на замолницата
1. Замолницата за правна помош треба да го содржи: името на органот молител, името на замолениот орган, името на странките, нивното занимање, живеалиште односно престојувалиште, како и нивното државјанство, името и адресата на нивните застапници и неопходни податоци кои се однесуваат на предметот на замолницата.
2. Замолницата за доставување на исправи мора да ја содржи адресата на примателот и видот на исправи што се доставуваат.
Член 7
Обрасци на замолницата и исправите
1. Замолницата и исправите што треба да се достават заради укажување на правна помош треба да бидат потпишани и со официјален печат.
2. Договорните страни може спогодбено да ги пропишат обрасците кои треба да се користат при обраќање за укажување на правна помош.
Член 8 Постапување по замолница
1. Замолениот орган укажува правна помош во согласност со законот на својата земја. По барање на органот молител може да се примени постапката на таа договорна страна која бара правна помош, ако тоа не е во спротивност со законот на замолената договорна страна.
2. Ако замолениот орган не е надлежен да укажува правна помош, ќе ја упати замолницата на надлежниот орган.
3. Замолениот орган го известува, по барање, органот молител за времето и местото на вршење на дејството.
4. Ако барањето за правна помош не може да се спроведе, замолениот орган ќе го врати актот
до надлежниот орган молител, и во исто време ќе му ги соопшти причините поради кои истиот не може да се спроведе.
Член 9
Начин на доставување
1. Замолениот орган доставува исправи во согласност со прописите на својата земја, ако истите се изготвени на нејзиниот јазик или е обезбеден заверен превод.
2. Ако исправите не се изготвени на јазикот на замолената договорна страна, или ако не е приложен заверен превод на тој јазик, замолениот орган ќе изврши предавање на исправите на примателот само ако истиот е подготвен да го прими.
3. Заверка на преводот врши овластен преведувач или орган молител. Преводот може исто така да го завери дипломатско или конзуларно преставништво на една од договорните страни.
4. Ако исправите не може да се достават до адресата наведена во замолницата, замолениот орган по сопствена иницијатива, ги презема неопходните мерки за утврдување на адресата.
Член 10
Потврда за доставување на исправи
Потврда за достава на исправи се изготвува во согласност со прописите на замолената договорна страна, вклучувајќи го датумот на прием и потписот на примателот и, доколку е потребно, начинот и времето на достава.
Член 11
Достава на исправи на сопствени државјани
Договорните страни имаат право преку своите дипломатски или конзуларни претставништва да им доставуваат исправи на своите државјани ако истите се подготвени да ги примат.
Член 12 Одбивање на правна помош
Договорната страна може да одбие укажување на правна помош на другата договорна страна доколку со укажување на правната помош може да се нанесе штета на суверенитетот или безбедноста или тоа е во спротивност со основните принципи на законодавството на замолената договорна страна.
Член 13
Трошоци за правна помош
1. Договорните страни нема да бараат надоместок за трошоците направени на нивната територија при укажување на правна помош.
2. Замолениот орган го известува органот молител за износот на трошоците. Ако органот молител ги наплати трошоците од лицето кое е должно да ги надомести, наплатениот износ ѝ припаѓа на договорната страна чиј орган ги наплатил трошоците.
Член 14
Известување за законските прописи
Секретаријатот на сојузниот извршен совет за судски работи на Федеративна Народна Република Југославија и правната комисија при Советот на министри на Сојузот на Советските Социјалистички Републики по барање взаемно ќе поднесуваат известувања и образложенија за прописи кои важат или важеле во нивните земји.
Член 15 Исправи
1. Исправи издадени или заверени од договорната страна на територијата на другата договорна страна или заверени од надлежниот орган, со потпис и службен печат се употребуваат на територијата на другата договорна страна без легализација.
2. Документите за кои се смета дека се јавни документи на територијата на една договорна страна ќе имаат на територијата на другата договорна страна, доказна вредност на јавна исправа.
Член 16
Повикување на сведоци или вештаци
1. Доколку на територија на една договорна страна е потребно да се сослуша како сведок или вештак лице кое се наоѓа на територијата на другата договорна страна, врачување на повикот се врши преку надлежниот орган на таа договорна страна.
2. Повикот не може да содржи санкции за неодзивање на повиканото лице.
3. Сведок или вештак, кој на повик од органите на една од договорните страни истапува доброволно пред органите на другата договорна страна, без оглед на неговото државјанство, не може да биде повикано на кривична одговорност или лишено од слобода на нејзината територија за кривично дело сторено пред преминување на границата на договорната страна молител ниту да подлежи на извршување на казна основа на претходна пресуда. Ова лице не може да биде повикано на кривична одговорност или лишено од слобода во врска со сведочењето или вештачењето како ни за кривично дело кое е предмет на постапката.
2. Сведокот или вештакот ќе ја изгуби оваа заштита ако не ја напушти територијата на договорната страна во рок од петнаесет дена од денот кога органот што го сослушал му соопштил дека неговото присуството повеќе не е потребно. Рокот не го опфаќа времето во текот на кое сведокот или вештакот не можел да ја напушти територијата на таа договорна страна од причини независни од неговата волја.
3. Во замолницата за врачување на повикот треба да се назначи износот кој треба да му се исплати на сведокот или вештакот за покривање на трошоците и надоместоците што му припаѓаат. По барање на овие лица договорната страна молител ќе обезбеди ▇▇▇▇▇ за покривање на трошоците.
ВТОР ДЕЛ ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ
Глава I
ПРАВНА ПОМОШ ВО ГРАЃАНСКА И ▇▇▇▇▇▇▇ МАТЕРИЈА
1. Трошоци на постапката
Ослободување од обезбедување на судски трошоци Член 17
Државјани на една договорна страна кои истапуваат пред судот на другата договорна страна, без оглед на нивното живеалиште или престојувалишпте, не се обврзани да депонираат обезбедување за судски трошоци (cautio iudicatum solvi).
Член 18
1. Доколку странка која е ослободена од обврската да депонира обезбедување за судски трошоци (cautio iudicatum solvi) е обврзана со судска одлука да ги надомести трошоците надлежниот суд на територијата на другата договорна страна ќе дозволи, по барање, бесплатно принудно извршување на одлуката за трошоци.
2. Трошоците направени во врска со изготвување на потврда, превод и заверка на исправите од член 19 од овој договор исто така се сметаат за трошоци на постапката,
Член 19
1. Судот кој дозволува извршување на одлуката за надоместок на трошоците на постапката е ограничен на утврдување на правосилноста и извршноста на одлуката.
2. Кон барањето за дозвола за извршување се приложува копија на оној дел на одлуката што се однесува на трошоците за постапката заверен од првостепениот суд, како и потврда од истиот суд за правосилноста и извршноста на одлуката. Во исто време кон барањето се приложува заверен превод на овие акти.
3. Против одлуката на судот за дозвола за извршување може да се поднесе жалба во согласност со законот кој важи на територијата на судот што ја донел оваа одлука.
Член 20
1. Барање за дозвола за извршување што треба да се спроведе на територијата на другата договорна страна се поднесува до првостепениот суд што постапувал за таа работа. Овој суд ќе го достави барањето до судот на другата договорна страна на начин предвиден во членот 3 од овој договор.
2. Барање за дозвола за извршување може исто така да се поднесе директно до судот што е надлежен за дозволата за извршување.
Член 21
Трошоците настанати со изготвување на потврда, превод и заверка на актите наведени во член 19 на овој договор ги определува судот задолжен за дозвола на извршувањето. Овој суд го одредува и износот на трошоците за извршување.
Ослободување од трошоците на постапката
Член 22
Државјани на една договорна страна уживаат пред судовите на другата договорна страна, под истите услови и во иста форма како и домашните државјани, ослободување од плаќање такси и трошоци на постапката, како и бесплатна правна помош во текот на постапката.
Член 23
1. Ослободување од плаќање на трошоците на постапката се доделува врз основа на уверение за лична, семејна и имотна состојба на лицето кое бара ослободување, издадено од надлежен орган на договорната страна на чија територија тоа лице има живеалиште односно престојувалиште.
2. Доколку подносителот на барањето нема живеалиште односно престојувалиште на територијата на ниту една договорна страна, уверението го издава дипломатско или конзуларно претставништво на договорната страна чиј државјанин е тоа лице.
3. Судот кој одлучува по барањето за ослободување од плаќање на трошоците на постапката може да ја провери ја точноста на доставените исправи и да побара дополнителни податоци.
Член 24
1. Државјанин на договорна страна кој сака да поведе постапка за ослободување од трошоците на постапката пред судот на другата договорна страна, може да поднесе барање до судот надлежен во неговото живеалиште односно престојувалиште. Барањето заедно со исправите наведени во член 23 од овој договор, судот ќе ги достави на другата договорна страна на начинот предвиден во член 3 од овој договор.
2. Истовремено кон барањето за ослободување од трошоците на постапката може да се поднесе и предлог за поведување парнична постапка или други постапки.
3. Барањето за ослободување од трошоците на постапката може исто така да се поднесе директно до судот што е надлежен да донесува одлука за ослободување од трошоците на постапката.
2. Статусни и семејни работи
Член 25 Деловна способност
Деловниот капацитет на лицето се утврдува со закон на договорната страна чиј државјанин е тоа
лице.
Правни односи помеѓу родителите и децата
Член 26
Утврдување и оспорување на татковство или мајчинство се уредува со законот на договорната страна чиј државјанин е детето во моментот на раѓањето.
Член 27
Правните односи помеѓу вонбрачно дете и неговата мајка од една страна и неговиот татко, од друга страна, се уредуваат со законот на договорната страна чиј државјанин е тоа дете.
Член 28
1. Со цел да се решат односите од чл. 26 и 27 од овој договор надлежен е судот на договорната страна чиј закон е меродавен за решавање на тие односи.
2. Ако странките имаат живеалиште односно престојувалиште на територијата на истата договорна страна, судот на таа договорна страна, е исто така надлежен, со тоа што се применува законот предвиден во член 26 и 27 од овој договор.
Посвојување Член 29
Посвојување и прекин на посвојувањето, ако посвоителот и посвоеникот се државјани на истата договорна страна се уредуваат со законот на таа договорна страна.
Член 30
За посвојување и прекин на посвојувањето надлежен е органот на договорната страна во која се државјани посвоителот и посвоеникот.
Член 31
Одлуките за посвојување и прекин на посвојувањето на надлежниот орган на договорната страна, кои се однесуваат на нејзините државјани, се признаваат и имаат правно дејство на територијата на другата договорна страна.
Старателство Член 32
1. Старателството врз државјани на договорните страни спаѓа во надлежност на органот на договорната страна чиј државјанин е лицето коe треба да се стави под старателство, ако поинаку не е определно со договорот.
2. Условите за ставање под старателство или престанок на истото се утврдуваат со законот на таа договорна страна чиј државјанин е лицето под старателство.
3. Правните односи меѓу старателот и лицето под старателството се утврдуваат согласно законот на договорната страна чиј државјанин е лицето назначено за старател.
4. Обврската за прифаќање на должностите на старателот се утврдува со закон на договорната страна чиј државјанин е лицето назначено за старател.
5. Одлуки за старателство на надлежниот орган на договорната страна во врска со нејзините државјани, се признаваат и имаат правно дејство на територијата на другата договорна страна.
Член 33
1. Доколку во однос на старателството е потребно да се преземат мерки за заштита на интересите на државјанин на една договорна страна кој има свое живеалиште, престојувалиште или имот на територијата на другата договорна страна, надлежниот орган на таа договорна страна веднаш ќе го извести дипломатското или конзуларно претставништво на договорната страна чиј државјанин е лицето.
2. Во случаи кои не трпат одлагање, органот на другата договорна страна може, во согласност со своето законодавство, да ги преземе потребните привремени мерки, но за тоа тој веднаш ќе го извести дипломатското или конзуларното претставништво на договорната страна чиј државјанин е лицето во чија корист се преземаат мерките. Овие мерки остануваат на сила сѐ додека надлежниот орган од став 1 на член 32 од овој договор не ја донесе потребната одлука.
Член 34
1. Органот надлежен според став 1 на член 32 од овој договор може да ја го отстапи на органот на другата договорна страна грижата за лицето под старателство, ако тоа на територијата на таа договорна страна има живеалиште, престојувалиште или имот. Отстапувањето стапува на сила штом замолениот орган ја презел грижата и за тоа го известил органот од кој произлегува барањето.
2. Органот што ја прифатил грижата ја спроведува грижата во согласност со законодавството на својата земја. Сепак, деловниот капацитет се оценува според законот на договорната страна чиј државјанин е лицето под старателство. Овој орган не може да донесува одлуки во врска со личната состојба на лица под старателство.
Член 35
Прогласување на исчезнување и смрт
1. Прогласувањето на лице за исчезнато или умрено и утврдување на околностите околу смртта спаѓа во надлежност на судот на договорната страна чиј државјанин било тоа во моментот кога според последните сознанија сѐ уште било живо.
2. Судот на една договорна страна може, по барање на заинтересирано лице кое живее на нејзина територија и чии права и интереси се засновани на правото на таа договорна страна да прогласи
▇▇▇▇▇▇▇▇▇▇ на другата договорна страна, за мртов или исчезнат, како и да ги утврди околностите на смртта.
3. Прогласување на исчезнати или починати лица и утврдување на околностите околу смртта според став 2 на овој член може да се врши под условите предвидени во националниот закон за исчезнати или починати лица под условите предвидени со законот на договорната страна чијшто суд ја донел одлуката.
4. Одлуката донесена согласно став 2 на овој член има правно дејство само на територијата на договорната страна чијшто суд донел таква одлука.
5. По барање на заинтересирано лице, надлежниот суд на договорната страна на чија територија е донесена одлуката врз основа на ставот 2 на овој член, доколку е потребно, може да ја укине или дополни одлуката, ако судот од ставот 1 на овој член донесе одлука по ова прашање.
3. Наследство
Член 36 Принцип на еднаквост
1. Државјаните на една договорна страна можат да стекнат ствари и права на територијата на другата догворна страна врз основа на законско или тестаментално наследство под истите услови и во иста мера како и домашните државјани.
2. Државјаните на договорната страна може врз основа на тестамент да располагаат со својот имот што се наоѓа на територијата на другата договорна страна.
Член 37
Примена на наследно право
1. Правото на наследство на подвижен имот се уредува со законот на таа договорна страна чиј државјанин бил оставител во моментот на смртта.
2. Правото на наследство на недвижен имот се уредува со законот на таа договорна страна на чија територија се наоѓа имотот.
Член 38 Форма на тестаментот
Формата на тестаментот и неговото поништување се утврдува со законот на договорната страна чијшто државјанин бил оставител за време на составувањето или отповикувањето на тестаментот или согласно законот на договорните страни на чија територија тестаментот е составен односно отповикан.
Надлежност за оставинските постапки Член 39
1. За расправа за подвижната оставина, освен во случајот предвиден во став 4 од овој член надлежен е орган на договорната страна чиј државјанин бил оставител во моментот на смртта.
2. За расправа за недвижната оставина надлежен е органот на договорната страна на чија територија се наоѓа недвижниот имот.
3. Одредбите од ставот 1 и 2 на овој член се применуваат за наследно-правни спорови.
4. Доколку оставителот, кој бил државјанин на една договорна страна, го имал последното живеалиште односно престојувалиште на територијата на другата договорна страна, наследниците кои имаат живеалиште односно престојувалиште на таа договорна страна може да побараат во рок од шест месеци од смртта на оставителот надлежниот орган на таа договорна страна да спроведе расправа за подвижната оставина што се наоѓа на нејзина територија. За ова барање ќе биде известени наследниците и легатарите. Ако во рок од три месеци од известувањето, ниту еден од наследниците не поднесе приговор, барањето ќе се спроведе. Во тој случај се применува законот на договорната страна чиј државјанин бил оставител во моментот на смртта.
Член 40
Ако државјанин на договорната страна почине за време на патување низ другата договорна страна каде што немал живеалиште односно престојувалиште, тогаш работите што ги носел со себе се предаваат според список, без формалности, на дипломатскиот или конзуларниот претставник на договорната страна во која бил државјанин.
Член 41 Известување за смртта
1. Ако на територијата на една договорна страна почине државјанин на друга договорна страна, надлежниот орган веднаш ќе го извести дипломатското или конзуларно претставништво и ќе соопшти сѐ што знае за наследниците, за нивното живеалиште односно престојувалиште, составот и вредноста на оставината и дали постои тестамент. На овој начин се постапува и доколку надлежниот орган на една договорна страна има сознанија дека државјанин на другата договорна страна кој починал надвор од територијата на двете договорни страни оставил имотот на територијата на неговата држава.
2. Доколку дипломатско или конзуларно претставништво претходно дознало за смртта на својот државјанин истото е должно да го извести надлежниот орган на другата договорна страна заради преземање на мерки за зачувување на оставината.
3. Ако органот на договорната страна дознае во постапката за оставинска расправа дека државјанин на другата договорна страна е заинтересиран за оставината, ќе го извести дипломатското или конзуларно претставништво на таа договорна страна.
Член 42
Мерки за зачувување на оставината
1. Органите на договорната страна ќе извршат попис и ќе преземат, во согласност со нивниот закон, други неопходни мерки за зачувување и управување со оставината, која на нивната територија ја оставил државјанинот на другата договорна страна.
2. За мерките што треба да се преземат врз основа став 1 на овој член се известува веднаш дипломатското или конзуларно претставништво на другата договорна страна, која може да учествува во спроведување на овие мерки. По предлог на дипломатското или конзуларно претставништво мерките може да се изменат, укинат или одложат.
3. По барање на дипломатското или конзуларно претставништво на истото му се предава подвижната оставина како и лични и други исправи на починатиот.
Член 43
Прогласување на тестаментот
1. Отворањето и прогласувањето на тестаментот спаѓа во надлежност на органот на договорната страна на чија територија се наоѓа тестаментот.
2. Доколку орган на една договорна страна го прогласил тестаментот на државјанин на другата договорна страна, зеверена копија на тестаментот заедно со податоци за состојбата на тестаментот и копија од записникот за прогласување на тестаментот и, доколку е потребно, оригиналниот тестамент, се доставуваат до надлежниот орган на договорната страна чиј државјанин бил оставител. На овој начин се постапува ако за оставинската расправа е надлежен и орган на договорната страна.
Член 44
Овластувања на дипломатското или конзуларното претставништво во оставинската постапка
Во сите оставински предмети по кои се расправа на територијата на една страна договорна страна, дипломатското или конзуларно претставништво на другата договорна страна има право да ги застапува своите државјани пред надлежните органи без посебно полномошно, ако тие се отсутни и не овластиле друго лице да ги застапува.
Член 45 Предавање на оставината
Ако по завршувањето на оставинската постапка треба да се предадат подвижни ствари на наследникот државјанин на другата договорна страна, кој има живеалиште односно престојувалиште на територијата на таа договорна страна таквиот имот ќе се предаде на дипломатското или конзуларно претставништво на договорната страна чиј државјанин е наследникот, под услов:
а) надлежниот орган ги повикал доверителите, ако тоа е предвидено со прописите на договорната страна на чија територија се наоѓа имотот, да ги пријават своите побарувања спрема оставината;
б) данокот на наследство е платен, односно, побарувањата се подмирени или обезбедени; в) надлежниот орган се согласува со изнесување на стварите.
Член 46 Оставина без наследник
Подвижниот имот без наследник се предава на договорните страни чиј државјанин бил оставител во моментот на смртта а неподвижниот ѝ припаѓа на договорната страна на чија територија се наоѓа имотот.
4. Достава на исправи Член 47
Секоја договорна страна се обврзува врз основа на барање да поднесе до другата договорна страна по дипломатски пат, изводи од регистарот на лична состојба, исправи за школска и стручна спрема и работен стаж како и други исправи што се однесуваат на личната, семејна и имотна состојба на државјанин на другата договорна страна. Овие исправи се доставуваат до другата договорна страна по дипломатски пат, без превод и бесплатно.
5. Признавање и извршување на судски одлуки
Член 48
1. Договорните страни ќе ги признаат и извршуваат на својата територија, под условите предвидени со овој договор, следните судски одлуки донесени на територијата на другата договорна страна:
а) правосилни и извршни одлуки во граѓански и семејни постапки; б) порамнувања склучени пред судот за граѓански предмети;
в) правосилни и извршни одлуки во кривични постапки во делот кој се однесува на надоместокот на штета предизвикана од кривични дела.
2. Одредби од точка а) и б) од став 1 на овој член, исто така, ќе се применуваат и за одлуките за наследување ако се донесени од нотарските органи на договорните страни.
3. Судска одлуки на една договорна страна наведена во точка а) и б) од став 1 на овој член ќе се признае и изврши на територијата на другата договорна страна само ако правниот однос, врз основа на кој е донесена судската одлука, настапил по влегувањето во сила на овој договор.
4. Одлуките утврдени во точка в) став 1 на овој член се признава и извршува само ако станале правосилни и извршни по влегувањето во сила на овој договор.
5. Одредбата од став 3 на овој член не се применува на судски одлуки за развод или прогласување на бракот за неважечки, за прогласување на исчезнати или умрени, за утврдување на околностите на смртта и за деловна спосбност.
Член 49
Судските одлуки наведени во член 48 од овој договор ќе бидат признаени и извршени: а) ако се потврди правосилноста и извршноста на одлуката;
б) ако, според прописите на договорната страна на чија територија се бара признавање, или извршување, судот на чија територија е донесена одлуката можел да постапи по ова прашање;
в) ако признавањето или извршувањето на судската одлука не е во спротивност со основните принципи на законодавството на договорнаа страна на чија територија одлуката треба да се признае или да се спроведе;
г) ако страната против која е донесена одлуката не била лишена од можноста да ги одбрани своите права, односно ако во случај на парнична неспособност била правилно застапена;
д) ако не постои правосилна одлука за истата работа помеѓу истите страни донесена од страна на судот на договорната страна на чија територија се бара признавање или извршување или, доколку по ова прашање веќе е покрената постапка пред судот на таа договорна страна;
ѓ) доколку, во случај кога требал да се примени законот на договорната страна на чија територија се бара признавање или извршување, се применил законот на таа договорна страна или закон што во суштина не се разликува од законот на договорната страна на чија територија се бара признавање или извршување.
Член 50
Секоја договорна страна ќе признае на нејзина територија судски одлуки донесени на територијата на другата договорна страна во врска со личната состојба на своите државјани под условите предвидени во член 49 од овој договор, и доколку таквите одлуки се во согласност со законот кој се применува за решавање на ваквите односи на нејзината територија.
Член 51
1. Судот на договорната страна на чија територија треба да се признае или изврши одлука на другата договорна страна ќе признае односно ќе дозволи принудно извршување на таквата одлука, доколку се исполнети условите утврдени со овој договор.
2. Барањето за признавање или извршување се доставува до првостепениот суд што донел одлука во врска со тоа. Овој суд го доставува барањето до надлежниот суд на другата договорна страна на начин предвиден во член 3 од овој договор.
3. Доколку лицето кое бара принудно извршување има живеалиште односно престојувалиште на територијата на договорната страна во која треба да се спроведе извршувањето, барањето за признавање или извршување може да се поднесе директно до надлежниот суд на таа договорна страна.
4. Кон барањето за признавање или извршување се приложува и заверен превод на истото.
Член 52
Кон барањето за признавање или извршување се приложува:
а) копија од судска одлука и службено уверение за нејзината правосилност и извршност, доколку тоа не произлегува од самата одлука;
б) потврда дека странка која не учествувала во постапката и против која била донесена одлуката,
била своевремено, во согласност со прописите на договорната страна на чија територија е донесена одлуката, повикана да учествува во постапката;
в) заверен превод на документите наведени во точка а) и б) на овој член.
Член 53
1. Судот на договорната страна на чија територија одлуката треба да се признае или изврши решава за дозволата и презема мерки за извршување во согласност со своите прописи.
2. Судот може да побара од лицето кое го поднело барањето да ги отстрани недостатоците или барањето да го поткрепи со образложение. Исто така, судот може да побара образложение од судот кој ја донел одлуката.
Член 54
Правосилни судски одлуки на една договорна страна за развод или прогласување на брак за неважечки, прогласувањето на исчезнати или умрени, утврдувањето на околностите на смртта и деловна способност, ако се однесуваат на сопствените државјани, се признаваат на територијата на другата договорна страна без преиспитување.
Глава II
ПРАВНА ПОМОШ ВО КРИВИЧНАТА МАТЕРИЈА
Член 55
Обем на правна помош
Правната помош во кривичната материја опфаќа достава на исправи и извршување на поединечни процесни дејствија, како на пример, судење на обвинетиот, сослушување на сведоци и лица кои имаат одредени интереси во постапката, вештачење, увид, претрес, предавање на списи и други докази.
Член 56 Одбивање на правна помош
Укажувањето на правна помош во кривичната материја може да се одбие: а) во случаите предвидени во член 12 од овој договор,
б) ако се бара правна помош за кривично дело кое според законот на замолената договорна страна не претставува кривично дело,
в) ако правната помош се однесува на кривично дело кое не повлекува предавање.
Член 57
Обврска за покренување кривична постапка
1. Секоја договорна страна, по барање на другата договорна страна, и во согласност со својот закон, ќе поведе кривична постапка против свој државјанин кој на територијата на другата договорна страна сторил кривично дело кое според овој договор повлекува предавање.
2. Кон барањето се приложуваат податоци за стореното кривично дело и сите постојни докази.
3. Замолената договорна страна ќе ја извести другата страна за исходот на кривичната постапка, а во случај да се донесе правосилна пресуда, се доставува и копија од истата.
Предавање Член 58
Кривични дела кои повлекуваат предавање
1. Врз основа на барање договорните страни меѓусебно, во согласност со овој договор, ќе предаваат лица кои се наоѓаат на нивната територија, а против кои на територијата на другата договорна страна се покренати кривични постапки или се бараат заради извршување на казна.
2. Предавањето се врши само за оние дела кои според закон на двете договорни страни се утврдени како кривични дела и за кои може да се изрече казна лишување од слобода во траење подолго од една година или потешка казна. Предавање заради извршување на казна се врши ако пресудата станала правосилна и ако лицето за кое се бара предавање е осудено на казна лишување од слобода во траење подолго од една година или потешка казна.
Член 59 Одбивање на предавање
Предавање нема да се изврши доколку:
а) лицето за кое се бара предавање е државјанин на замолената договорна страна, б) кривичното дело е извршено на територијата на замолената договорна страна,
в) согласно законот на замолената договорна страна, невозможно е да се води кривична постапка или да се изврши пресудата поради застареност пред приемот на барањето за предавање или поради некоја друга законска причина,
г) законот на една од договорните страни забранува предавање за делото за кое се бара предавање, д) лице чие предавање се бара за истото кривично дело на територијата на замолената договорна страна е веќе правосилно осудено или е донесена правосилна одлука за прекин на кривичната постапка,
ѓ) според законите на двете договорни страни станува збор за кривично дело за кое се гони единствено по приватна тужба.
Член 60 Барање за предавање
Кон барањето за предавање се приложува следното:
а) заверена копија од одлуката за лишување од слобода, односно копија на правосилна пресуда или други соодветни судски одлуки ако барањето се однесува на предавање за извршување на казна, а доколку е потребно, дополнителни податоци за фактичката состојба, правната квалификација на делото и степенот на штетата предизвикана од кривичното дело.
б) текстот на кривичниот закон врз основа на кој се квалификува кривичното дело на територијата на договорната страна која бара предавање,
в) ▇▇▇▇▇ опис на лицето за кое се бара предавање, податоци за државјанство и живеалипте, и по можност фотографија и отпечатоци од прсти.
Член 61 Дополнителни известувања
1. Ако доставените податоци не се доволни за одлучување во врска со предавањето, замолената договорна страна може да побара дополнителни податоци. За таа цел, на договорната страна која го бара предавањето може да ѝ се одреди рок кој не може да биде подолг од два месеца. По барање овој рок може да се продолжи.
2. Доколку бараните податоци не се доставени во утврдениот или продолжен рок, постапката за предавање ќе биде прекината и бараното лице ќе биде пуштено на слобода. Постапката за предавање ќе продолжи ако накнадно бидат примени бараните податоци.
Притвор на лица за кои се бара предавање Член 62
По прием на барањето за предавање заедно со потребните исправи, замолената договорна страна веднаш презема мерки во согласност со својот закон, за пронаоѓање и притворање на лицето за кое се бара предавање.
Член 6
1. Во случаи кои не трпат одлагање, лицето против кое се води кривична постапка може да биде лишено од слобода и пред приемот на барањето за предавање, ако барањето за лишување од слобода се заснова на одлука за лишување од слобода или правосилна пресуда, и ако истовремено се објави барањето за предавање. Барањето за лишување од слобода може да биде упатено до судот и органите на обвинителството по пошта, телеграф, телефон или преку радио на начин предвиден во член 3 од овој договор.
2. Надлежните органи на една договорна страна може без барањето предвидено во став 1 на овој член да лишат од слобода лице кое живее на нејзина територија ако постојат доволно докази дека на територијата на другата договорна страна, сторило кривично дело кое повлекува предавање.
3. За лишувањето од слобода според став 1 и 2 на овој член или причините поради кои не е спроведено барањето од став 1 на овој член веднаш се известува другата договорна страна.
Член 64
Лице лишено од слобода согласно став 1 или 2 од член 63 од овој договор ќе биде пуштено на слобода доколку во рок од триесет дена од денот на приемот на известувањето за лишување од слобода од ставот 3 на член 63 од овој договор не биде примено барање за предавање.
Член 65 Одложување на предавањето
Ако против лицето за кое се бара предавање, е покрената кривична постапка или е осудено за друго кривично дело на територијата на замолената договорна страна, предавањето може да биде одложено до крајот на кривичната постапка или издржување на изречената казна односно до пуштањето на слобода пред истекот на истата. Причините за одложување на предавањето ќе ѝ бидат соопштени на другата договорна страна.
Член 66 Привремено предавање
1. Доколку одлагањето на предавањето предвидено со член 65 од овој договор може да доведе до застареност на кривичното гонење или сериозно да ја отежне кривичната постапка, лицето за кое се бара предавање може врз основа на образложено барање, привремено да се предаде.
2. Привремено предаденото лице ќе биде вратено по завршувањето на процесните дејствија за кои било предадено, но не подоцна од три месеци од денот на предавање. По барање на договорната страна на која ѝ е предадено лицето овој рок може да се продолжи.
Член 67
Конфликт на барања за предавање
Доколку предавање на исто лице бараат повеќе држави, замолената договорна страна одлучува по кое барање ќе се постапи.
Член 68 Ограничувања на гонењето
Лицето кое треба да се предаде не може без согласност на договорната страна што го предала да се повика на кривична одговорност или да се подложи на казна за кривично дело за кое не е предадено.
Предаденото лице не може да се предаде на трета држава без согласност на другата договорна страна.
Член 69 Предавање
1. Замолената страна ќе ја извести договорната страна молител за времето и местото на предавање. Доколку договорната страна молител не го прими лицето кое се предава во рок од петнаесет дена од денот утврден за предавање, лицето може да биде пуштено на слобода.
2. Во случај да не се врши предавање, договорната страна која го поднела барањето за тоа ќе биде известена со наведување на причините предвидени во член 59 од овој договор.
Член 70
Известување за исходот од кривичната постапка
Договорните страни ќе се информираат меѓусебно за исходот од кривичната постапка против предаденото лице. Ако против тоа лице се изрече пресуда, по правосилноста ќе се достави копија на истата.
Член 71 Повторно предавање
Ако предаденото лице го избегне кривичното гонење или издржување казна и се врати на територијата на замолената договорна страна повторно ќе се предаде врз основа на ново барање без поднесување на списите наведени во член 60 од овој договор.
Член 72
Предавање на материјални докази
1. Надлежните органи на договорните страни, по барање, ќе вршат меѓусебно предавање на предметите стекнати преку кривичното дело, како и пари и други вредни предмети стекнати за овие предмети, како и предмети кои можат да послужат како доказ во кривичната постапка.
2. Предавањето на овие предмети се врши, доколку е можно, истовремено со предавањето на лицето. Предавање на предметите се врши и во случаи кога предавањето на засегнатото лице не е можно поради неговата смрт или бегство, или поради други околности.
3. Замолената договорна страна може привремено да ги задржи овие предмети или да постави услов тие да се вратат во најкраток можен рок, доколку се неопходни во друга кривична постапка.
4. Правата на трети лица во овие случаи остануваат неприкосновени. Овие предмети ќе бидат вратени, по завршување на постапката, на замолената договорна страна со цел да бидат предадени на лицата кои имаат право на нив.
Член 73
Трошоци за предавање
Трошоците што произлегуваат од предавањето се на товар на договорната страна на чија територија настанале.
Член 74 Известување за осуденост
1. Секоја година, договорните страни меѓусебно ќе достават, по дипломатски пат, податоци за правосилните пресуди изречени од судот на една од договорните страни за државјани на другата договорна страна.
2. Договорните страни, по барање, ќе доставуват меѓусебно, по дипломатски пат, податоци за пресудите на лица кои претходно живееле на територијата на замолената договорна страна, ако против нив се води кривична постапка на територијата на договорната страна од која произлегува барањето.
Трет дел
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 75
Спорните прашања кои произлегуваат во врска со примената и толкувањето на овој договор договорните страни ќе ги решат по дипломатски пат.
Член 76
Овој договор е предмет на ратификација. Размената на инструменти за ратификација ќе се изврши во најскоро време во Белград.
Член 77
1. Овој договор влегува во сила триесет дена по денот на размена на инструментите за ратификација.
2. Договорот се склучува на неопределено време и важи до истекот на една година од денот кога една од страните ќе ја извести другата договорна страна дека договорот престанува да важи.
Член 78
Овој договор е изготвен во два оригинални примерока на српско-хрватски и руски јазик и двата текста имаат подеднаква важност.
Полномошниците на двете договорни страни го потврдуваат овој договор преку својот потпис и печат.
Изготвено во Москва, на 24 февруари 1962 година